Попоски ќе реферира за актуелни прашања во Собранието

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска ќе има излагање во врска со актуелните прашања од областа на надворешната политика пред членовите на матичната собраниска Комисија.

На денешната седница ќе се разгледаат и предлог-законите за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Хрватска за Евроатлантско партнерство и на Договорот од Најроби за заштита на олимпискиот симбол.

Пратениците членови на Комисијата за труд и социјална политика ќе расправаат и за повеќе закони во второ читање. Амандманска расправа ќе има за Предлог-закон за изменување на Законот за работните односи, за измените и дополнувањата на Законот за инспекција на трудот, на Законот за безбедност и здравје при работа, на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и на Законот за социјалната заштита.

Седница ќе одржи и Законодавно-правната комисија која ќе разгледа закони во прво и во второ читање, како и предлог законите за ратификација на Договорот од Најроби за заштита на олимпискиот симбол и на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Хрватска за Евроатлантско партнерство и исправка на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија' број 148/13). 

15.11.2013 - 08:21
Фото: 
мфа.гов.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега