Климатските промени можат да привлечат инвестиции

Климатските промени да не се класифицираат како црни, лоши и апококалиптични сценарија, туку како можност за привлекување инвестиции преку размена на технологии и знаења.Ова беше заклучено на денешната средба на претставници на министерството за животна средина и просторно планирање по повод кампањата „Климата се менува, Прилагоди се! - Денови на акции за климата“.

Ресорното министерство, како што истакна првиот човек Абдилаќим Адеми, изработува неопходна законска рамка за борба против климатските промени, поставува стартешка планска рамка и соработува на билатерлано, регионално и меѓународно ниво во заедничките напори за борба со климатските проемени.

Според министерот Адеми, постојат секторски причини за климатските промени (енергетиката, земјоделството, отпадот и индустриските процеси) и сектори кои трпат последици од тоа, како што се биолошката разновидност водни ресурси, културно наследство, туризам и земјоделството.

- Прилагодливоста во овие сектори кон климатските промени ја намалува нивната чувствителност. Многу активности кои с епреземаат во одредени ресори имаат свое влијание врз климатските промени. Затоа, кога се зборува за ова прашање во предвид треба да се имаат неколку политики, енергетската, индустриската, управување со отпад, истражувањето, науката и финансирањето, рече Адеми.

Претставникот од УНДП Анита Коџоман посочи дека климатските промени се комплексен проблем, кој бара силна меѓуресорска соработка и посветеност, како и препознавање на сопствениот интерес зошто да се вложува, но и на глобалното значење.

- Климатските промени не треба да се гледаат само од аспект на трошоците и инвестициите, бидејќи навистина изгледа страшно ако видиме дека потребни се милиони долари да се решат одредени проблеми. Треба да се размислува и оној аспект на климатските промени кои значи можност за нови инвестиции за отворање работни места, нови почисти технологии, кои ќе имаат повратно влијание врз здравјето на луѓето и заштеди во здравството. Инвестиции во енергетската ефикасност, кои ќе имаат заштеди во буџетот, во технологии кои ќе ја намалат емсиијата на стакленички гасови..., нагласи Коџоман. 

Кампањата „Климата се менува, Прилагоди се! - Денови на акции за климата“ се реализира од 11 до 22 овој месец, во чии рамки, в среда во кино Фросина ќе биде промовиран првиот документарен филм во Македонија на тема „Ефекти од климатските промени во земјоделството“. Филмот „После дождот“, во режија на Билјана Гарванлиева, ги прикажува различните начини на кои четири жени фармери од различна возраст и етничка припадност се справуваат со ефектите од климатските промени. Ќе биде прикажан во Венеција на Филмскиот фестивал за климатски промени што ќе се одржи на 6 декември.

 

15.11.2013 - 14:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега