Македонија дел од редовната понуда на чешки туристички агенции и тур-оператори

 

Македонија како атрактивна туристичка атракција e редовната понуда на се повеќе чешки туристички агенции и тур-оператори, јави дописникот на МИА.

Покрај агенциите „Чедок“, „Познани“, „Алпинетур“ кои веќе неколку години на чешките туристи им овозможуваат да уживаат во убавините на македонските планини и трекинг туризмот кој подразбира луѓето да се хранат со она што го нуди природата каде што престојуваат, нашата земја стана дел од понудата и на реномираната „Фиро тур“ и на други тур-оператори. Турите за идната година опфаќаат запознавање на македонскиот главен град преку организираните посети на средновековната тврдина Кале, Мустафа-пашината џамија, Камениот мост и спомен-куќата на Мајка Тереза, а главен акцент се Проектот Скопје 2014 и 30 метри високиот споменик на Александар Велики. Се нуди и посета на Охрид, кој се нарекува „Бисер на Балканот“ и разгледи на црквата Св. Богородица, римскиот театар, Самоиловата тврдина, Св. Климентовиот манастир на Плаошник и црквата на Св. Јован-Канео.

За летните месеци, агенцијата „Мајер и Крокус“ ги нуди македонските национални паркови Маврово и Галичица и Охридското ,,море": - Опкружено со планини, прозрачна и чиста вода, оваа светска природна убавина го зема здивот на многу светски патници, се вели во понудата на агенцијата.

 

16.11.2013 - 11:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа