Според Календарот на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

 

Според Календарот на МПЦ утре се празнува Светиот пророк Авдија.

Родум од селото Витахарамско од пределите Сихемски. Живеел на дворецот на царот Ахав; но кога царот отстапи од вистинското богопочитување и им се поклони на идолите, Авдија не тргна по примерот на царот, туку продолжи да му служи на единствениот вистински Бог. А кога злобната царица Језавела заради пророкот Илија крена хајка на сите Божји пророци, Авдија собра стотина од нив, ги скри во две пештери и ги хранеше до крајот (1 Царства 18, 4). Современик на големиот пророк Илија, Авдија многу го почитуваше Илија и го слушаше во с ѐ како негов следбеник и ученик. Живееше 900 години пред Христа и се упокои мирно.

Светиот маченик Варлам

Родум од Антиохија. Заради верата во Господ Исус Христос беше измачуван многу од нечестив судија. Најпосле судијата намисли да го исмее и под принуда на околности да го натера да принесе идолски жртви, заради што го одведе во идослкиот храм и му стави оган на дланката и темјан на оганот мислејќи дека маченикот ќе мора од болка да го фрли огнот со темјанот од раката пред идолите и така и не сакајќи да ги покади. Но херојскиот Христов војник го држеше огнот на својата дланка и без помисла д го фрли на идолите, с ѐ додека прстите не му изгореа и отпаднаа и дланката не му прегоре. И така на земјата со огнот паднаа и прстите на маченикот. „Десница имаше посилна од огнот,“ вели Св. Василиј Велики, „…зашто ако пламенот и ја зафати раката, таа го држеше огнот како да е пепел“. А Златоуст пишува: „Ангелите гледаа од височините, го набљудуваа архангелите, глетката беше величествена, навистина ја надминуваше човечката природа. Кој не би посакал да види човек којшто се подвизувал и не го чувствувал она што им е својствено на луѓето, којшто и самиот бил жртвеник и жртва и жрец?“ Кога му изгоре раката, целото тело на старецот Варлам се сруши мртво на земјата, а душата му замина во вечниот спокој на неговиот Господ и Спасител. Овој преславен старец-јунак пострада во 304 година.

Преподобен Варлам и Светиот принц Јоасаф

Индиски подвижници. Јоасаф беше принц, син на царот Авенир. По Божја Промисла него го посети старецот Варлам, го научи на верата Христова и го крсти. Потоа старецот се оддалечи во планината на подвиг, а Јоасаф остана да се бори со многубројните искушенија во светот и со благодатта Божја да ги победува. Најпосле Јоасаф успеа да го приведе кон Христа и својот татко. Откако се крсти царот Авенир поживеа четири години во големо покајание – зашто направи големи гревови гонејќи ги христијаните – па потоа го заврши својот земен живот и замина во бесмртниот. Младиот Јоасаф царството му го предаде на својот другар Варахиј, а самиот замина во пустина на подвиг на христијанско восовршување. Единствена желба на земјата му беше уште еднаш да се види со Старецот Варлам. И милостивиот Бог му ја исполни желбата, па еден ден Јоасаф застана пред пештерата на Варлам и возвикна: „Благослови, оче!“ Старецот Варлам се подвизуваше во пустината седумдесет години, а поживеа с ѐ на с ѐ сто години. Свети Јоасаф го остави царството во својата дваесет и петта година, тогаш замина во пустината, во којашто поживеа триесет и пет години. Обајцата имаа голема љубов кон Господ Исус, мнозина ги обратија во вистинската вера и се преселија во вечната радост на својот Господ.

Светиот маченик Илиодор

Од градот Магид во Памфилија. Мачен за верата Христова во времето на царот Аврелијан. Во тешките маки чу глас од небото: „Не бој се, Јас Сум со тебе!“ Го фрлија во бакарен

усвитен вол. Усрдно Му се молеше на Бога и Бог го спаси: усвитениот вол одеднаш истина и Илиодор излезе од него жив. Судијата му довикна дека прави магии. „Моите магии се Христос,“ одговори Илиодор. Го убија со меч и отиде кај Господа.

Преподобен Порфириј Кавсокаливит

Старец Порфириј се родил во 1906 година во Свети Јован Каристиски, на Евија. Неговото световно име било Евангелос. На деветгодишна возраст се вработил во јагленарница, а потоа кај еден пријател на семејството во Пиреја. Татко му заминал да работи на каналот во Панама, за да го прехрани семејството. На возраст од околу 12 години, тајно тргнал сам за Света Гора. На бродот го запознал јеромонахот Пантелејмон, својот иден духовник, кој се подвизувал во ќелијата на Свети Георгиј во Кавсокаливија, Света Гора. По две години бил пострижан за монах. Поради неговата ревност, послушание и подвизи на млада возраст стекнал дар на проѕорливост. На Света Гора се разболел од пневмонија, на околу 18-годишна возраст, па затоа старците го испратиле на островот Евија за да се лечи. По кратко време бил ракоположен за свештеник на возраст од 20 години, а потоа бил произведен за духовник. Триесет и три години служел како парохиски свештеник во атинската Поликлиника, исповедајќи ги болните и сите што доаѓале кај него, често исцелувајќи ги со молитвата и со благодатта Божја. Во 1950 година се населил во напуштениот манастир посветен на свети Никола, на Пендели, а во 1979 година се населил во Милеси, Атика. Во јуни 1991 година, претчувствувајќи го својот крај и не сакајќи да биде погребан со почести, заминал во ќелијата на Свети Георгиј во Кавсокаливија, Света Гора, каде што бил замонашен пред 70 години. На 2 декември Му ја предал својата душа на Бог.

01.12.2021 - 22:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега