Аризанов: Виновниците за токсичните корнишони да ја признаат грешката наместо да се фалат со тужби

И претседателот на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија“ од Кавадарци Љупчо Аризанов денеска остро ги осуди вчерашните изјави на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, околу продажбата на токсичните корнишони.

- Ваквото нешто е неразумно во време кога земјава сака да влезе во Европската Унија. Со токсичните краставички и е нанесена неправда на целата држава. Нивните производители и извозници се виновни според мене и треба да си ја сносат вината и последиците. Соодветна казна да добијат таквите луѓе кои не се однесуваат спрема европските стандарди. Факт е дека некој направил пропуст па произвел и извезол токсична стока која не е за употреба и е за поништување. Сметам дека на таквите не им е местото во земјоделството и извозот, рече Аризанов на прес-конференција и додаде дека  заканите со тужби кон сите оние кои го осудија ваквиот чин со „отровните“ краставички  не држат место оти таквата постапка да се извезат токсични земјоделски производи навистина е за осуда. Нереално е некој да се заканува со тужби во вакви услови и да ги штити неправилните работи кои му штетат на македонското земјоделство. Оти од случајот со токсичните краставички не патат само земјоделците, пати и целата држава. Неоправдани се реагирањето и заканите со тужби.

Аризанов вели дека земјоделските здруженија се независни и дека никој нема право да се осмелува да покажува политичка сила над нив. Реакциите кои доаѓале од земјоделските здруженија, а се во корист на земјоделецот, требало да бидат поддржани од сите политички партии.

- Земјоделците особено треба да внимаваат кога е во прашање каренцата на пестицидите и тогаш кога мешаат повеќе хемиски препарати, истакна Аризанов.

 

19.11.2013 - 13:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега