Жителите на Илинден добија ново место за спорт и рекреација

Жителите на Илинден си добија ново место за спортување и забава. Денеска премиерот Никола Груевски го пушти во употреба новото повеќенаменско игралиште, дел од владиниот проект за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Игралиштето располага со спортски реквизити и опрема за фудбал, кошарка, ракомет..., заградено е и осветлено за спортување и за натпревари во ноќните часови.

- Спортот е посебно значаен за младите општини како што е општина Илинден. Оваа општина има многу млади, има постојано зголемување на бројот на жители, а со тоа се зголемува и потребата од вакви спортски објекти, рече Груевски и додаде дека за игралиштето се потрошени седум милиони денари.

Владата, потсети тој, во изминатите неколку години инвестирала во изградба на нова спортска сала и четири тениски игралишта во образовно-спортскиот центар „Илинден-Марино“ и во две големи фудбалски игралишта во Марино и Кадино. Најави дека во план е изградба на уште едно повеќенаменско спортско игралиште во Кадино.

Градоначалникот Стојановски истакна дека со изградбата на овој објект жителите на Општина Илинден, пред се младите, ќе можат слободното време да го користат за спорт и рекреација и за организирање многубројни турнири.

Тој додаде дека развојот на спортот и физичката култура останува еден од приоритетите на Општина Илинден и најави оти во иднина ќе продолжи вложувањето во спортски објекти.

19.11.2013 - 15:54
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега