Таксистите ќе учат англиски јазик на сметка на државата

Со новите измени и дополнувања на Законот за превоз во патниот сообраќај се предвидува поквалитетен превоз за учениците, вршење посебен линиски превоз, воспоставување поголем ред во такси превозот, задолжително познавање основен англиски јазик за таксистите, категоризација на автобусите во меѓународниот превоз со еколошки стандарди за да не плаќаат високи патарини...Целта е да се воспостави поголем ред и удобност во такси-превозот за граѓаните.

- Со цел воспоставување поголем ред во такси-превозот, што е  едно од постoјаните барања на граѓаните и на Град Скопје, при вршење на авто-такси превоз превозникот да може да стои исклучиво на авто-такси стојалиште определено од општините или од Градот Скопје, посочи денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Министерот потенцира дека доколку превозникот биде казнет двапати за непочитување на таа одредба ќе се донесе решение за трајно одземање на лиценцата за вршење такси-дејност.Првиот пат глобата е 500 евра, потоа ако не се почитува правилото ќе следува уште една глоба од 500 евра, а на крајот и одземање на лиценцата за работа.

Според Јанакиески, објавените информации во дел од медиумите за новата одредба за таксистите не се точни. Такси-возилото, појасни, може да дојде на повик пред зградата или пред местото каде живее патникот или на кое друго било место каде се наоѓа патникот и да го земе, што значи дека патникот не треба да оди до најблиското такси-стојалиште. Исто така, може да се качи во такси-возило на кое било место каде е такси-возилото и да се симне на кое било место што го определил како крајна дестинација. - Такси-возилото треба да стои на стојалиштето само во случај кога е празно, односно без да има патници и без да има најавен повик дека треба да земе патник од некаде, наведе Јанакиески.

Министерот додава дека трошоците за учењето англиски јазик ќе ги покријат Министерството за транспорт и врски и општините. До 1 јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавање основен англиски јазик за што ќе добие лиценца, а од 2019 година познавање еден степен повеќе. 

Измените на Законот опфаќаат и дорегулирање на посебниот линиски превоз со кој превозниците или конзорциумот од превозници со кој ќе се склучи договор ќе го вршат превозот исклучиво со возилата со категорија што ги навеле при склучување на договорот. Проблеми досега се јавувале при превозот на ученици, кога превозниците на јавниот повик навеле дека ќе ги превезуваат со автобуси со ЕУРО4 или ЕУРО5 стандарди, но користеле автобуси со ЕУРО1 стандард.

Јанакиески најави и категоризација на автобусите за еколошки стандарди. При технички преглед и регистрирање на автобусите техничките станици ќе даваат и потврда за еколошки стандарди на возилото.  - Досега при сообраќање на автобусите низ Европа кога се плаќаше патарина во определени земји, бидејќи нашите автобуси не се категоризирани, секогаш се земаше предвид најниската категорија и плаќаа највисоки патарини. Сега се овозможува согласно еколошките стандарди автобусите да се категоризираат и реално да се плаќаат патарините во европските земји, рече министерот Јанакиески.

20.11.2013 - 12:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега