Македонија - лидер на Балканот во третманот на болни од цистична фиброза

Здружението за цистична фиброза денеска истакна дека Македонија е лидер во регионот за правилен пристап кон третманот на болните од оваа болест.

Претседателот на Здружението, Снежана Бојчин истакна дека потребни им се соодветни болнички услови со можност за сепарација на пациентите за да не бидат заразни за другите пациенти.

- Меѓу нив може да дојде до вкрстени инфекции како што покажуваат фактите во Одделот каде се лекуваат и за да го спречиме тоа покренавме иницијатива за изградба на центар за деца и возрасни во соработка со Министерството за здравство. Тоа е голем проект кој оваа година е веќе одобрен од Владата, рече Бојчин.

Според неа, добрата соработка која Здружението ја има со здравствените и другите институции во државата допринело Македонија да биде пример во регионот.

- Приливот на нови пациенти е ист како и претходно, но тие живеат и преживуваат и се во добра физичка кондиција. Имаме околу 25 проценти возрасни пациенти, млади индивидуи, додека пред 10 години инцидентно се појавуваше по некој возрасен пациент. Имаме 128 пациенти кои се лекуваат на Клиниката за детски болести, еден пациент кој има 40 години и е најстариот со цистична фиброза се лекува на Клиниката за пулмологија, потенцира Бојчин.

На контрола во Македонија доаѓаат и пациенти од други земји: - Имаме 15 пациенти од Косово и од Албанија кои доаѓаат на прегледи во Македонија.  Има најава за пациенти од Бугарија и од Босна и Херцеговина. Најголемиот исчекор во однос на терапијата беше направен пред пет години кога се обнови позитивната листа на лекови и кога првпат на неа се најдоа важни инхалациони терапии за пациентите. Оттогаш во период од околу две до три години имавме проблем додека таа терапија вистински да стане достапна за пациентите. Сега во последните две до три години пациентите регуларно ја примаат терапијата, додаде Бојчин.

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова рече дека со Здружението разговарале за неопходноста од создавање на Регистар за пациенти со цистична фиброза.

- Особено важно е што се изборивме за спирометрите кои ги користат децата односно да има спирометар за секое дете, за секој преглед да се користи нов филтер што пак има за цел да се спречи трансмисијата на метицилин резистентна стафилокока која ја влошува здравствената состојва на тие пациенти, посочи Парнарџиева Змејкова.

20.11.2013 - 14:43
Фото: 
заздравје

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега