Почнува Велигденскиот пост
Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:
Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за Празникот.
Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение.
Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха.
Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден.
Четириесетница – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2).
Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст.
Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост.
Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости.
Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.
Историјат
Првпат Велигденски пост или пост за Велигден се спомнува на крајот од II век. Тој траел само три дена, вели свети Иринеј Лионски (+202г.) и сите го постеле. Така се постело во III век, во „спомен на Христовите страдања“, вели и Тертулијан (+220г.).
Кон крајот на III век, во Сирија се спомнува Велигденски пост којшто траел една седмица.
А во средината на IV век, веќе се спомнува Велигденски пост од 40 дена. За тоа пишува историчарот Евсевиј Кесариски (+340г.) и свети Атанасиј Велики (+373г.) во Велигденските посланија.
Дури во V век е оформен сегашниов Велигденски пост – Велика Четириесетница.
Времетраење на постот
Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.
Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страстната седмица.
Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.
Првата недела на постот се вика Недела на Православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот Крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при Неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страстна или Велика недела.
Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:
Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера.
Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.
Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.
Причина и цел на постот
Велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели:
1. Да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение.
2. Крстените, пак, да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за Празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот.
А Велигден е празник на Воскресението и на Животот. Нова Пасха. Премин од привременото во вечното живеење. Тие што се со Христа овде, ќе бидат со Него и во вечноста.
Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.
Начин на постење и исхрана
Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.
Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.
Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.
Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.
Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.
Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.
Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.
Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.
Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.
Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.
Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.
Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.
Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него. Тој не е страшен за нас, туку за лошите духови.“
Затоа и Исус Христос рекол: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа