ЛДП-Центар за случајот кај „Треска“: Надлежните што побрзо да излезат со конкретни информации
Општинската организација на Либерално демократската партија на општина Центар затекната поради настанатиот пожар кој што се случи вчера во попладневните часови во општина Центар, а кој зафати голем дел од објектот од поранешната фабрика Треска, сака да упати апел до сите институции кои се надлежни и имаат обврска да дејствуваат во насока за разрешување на оваа несакана ситуација, што побрзо да излезат со конкретни информации за расчистување на случајот.
„Ова не е прв случај во ниту општина Центар и ниту во другите општини во градот Скопје да горат објекти под сомнителни, за граѓаните непознати околности“, се вели во соопштението на Општинска Организација ЛДП-Центар.
„Да ги потсетиме граѓаните на случајот во општина Центар пред неколку месеци гореа старите бараки во парк позади Ресторанот Томче Софка, а ова е втор пат пак да биде опожарена фабриката Треска.
Затоа, уште еднаш повикуваме сите надлежни институции веднаш да излезат на терен и да ги разрешат сите дилеми, се со цел во јавноста да не се шират дезинформации и лажни вести. Благодарност за брзата реакција на Противпожарната единица и на СВР Скопје, кои спречија овој немил настан да биде фатален по човечките животи на граѓаните на општина Центар. Ја повикуваме и општина Центар заедно со останатите надлежни институции за што побрзо донесување на ДУП-от за оваа градска четврт, секако земајќи ги предвид барањата на сите засегнати страни, а пред се потребите на жителите на општина Центар, а особена на жителите на оваа градска четврт“, се додава во соопштението.
Од Општинска Организација ЛДП-Центар велат дека очекуваат брза реакција, но и дека будно ќе го следат целиот процес и соодветно ќе реагираат кај надлежните институции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа