Почина Ивица Осим, последниот селектор на некогашна СФР Југославија
Легендарниот фудбалски стратег и поранешен југословенски селектор Ивица Осим почина на 81-годишна возраст. Смртта е констатитана околу 10 часот утрово во Грац, каде што живееше во последните неколку години.
Ивица Осим е роден во Сараево во 1941 година. Како што растел на Грбавица, активно почнал да тренира фудбал во Железничар. По заминувањето од јуниорите, тој започна да игра за првиот тим во сезоната 1959/1960 година, а за клубот од Грбавица играше вкупно 11 години и за тоа време собра 250 официјални настапи и постигна 75 гола.
Во 1970 година замина во Франција, каде играше за Стразбур, Седан и за Валенсиен.
Фудбалскиот Штраус, како што уште беше познат поради својата руса коса, играше и за репрезентацијата на поранешна Југославија. Собра 16 настапи и постигна осум гола. Тој беше еден од главните играчи во освојувањето на второто место на Европското првенство во 1968 година.
За тоа време тој беше некарактеристично висок играч, но со карактеристично долг чекор. Тој пленеше со својата неверојатна техника и леснотијата со која ги надминуваше противничките играчи.
Се чинеше како играчите да паѓаат околу него, а ако не им асистира на соиграчите, сам ќе постигнува голови. Репортерите на радио и весници често со чудење известуваа дека сето тоа успева и покрај бавните движења. Прогласен е и за најдобар играч во Југославија во 1967 година.
Играчката кариера ја заврши во 1978 година, по што стана многу успешен како тренер. Успешно го водеше Железничар од 1978 до 1986 година. Беше и селектор на југословенската репрезентација, тренер на Партизан, Панатинаикос, Штурм, ЏЕФ Јунајтед, а последен тренерски ангажман му беше како селектор на Јапонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа