Министерот Јанакиески се обрати на економскиот форум во Романија
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска се обрати на економскиот форум кој се одржува во рамките на Самитот на претседатели на влади на Народна Република Кина и на земјите од Централна и Источна Европа во Букурешт, Романија.
Министерот Јанакиески пред присутните презентираше дел од до сега постигнатиот напредок од областа на инвестициите во патната инфраструктура во насока на подобро регионално поврзување, како и предвидените активности на Министерството за транспорт и врски, насочени кон развојот на транспортната инфраструктура по должината на транспортните коридори во Република Македонија и информираше за потпишувањето на договорот за реализација на изградбата патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид, како и за тековните активности за изградба на новиот автопат на потегот Демир Капија – Смоквица и рехабилитацијата на автопатот Велес – Катланово, долж меѓународниот Коридор 10.
- „Покрај тековните активности на патните коридори, ние паралелно работиме и на подобрување на железничкиот транспорт и железничката инфраструктура во земјата. Со оглед на постоечкиот квалитет и стандардите на железничката инфраструктура, од страна на Министерството за транспорт и врски отпочнаа низа проекти во доменот на железницата. Главната цел на овие проекти е зголемување на капацитетот на коридорите за подобра кохезија со земјите-членки на Европската Унија и соседните земји, промоција на одржлив развој, особено преку намалување на негативните ефекти од транспортот врз животната средина, подобрување на безбедноста, зголемување на атрактивноста на железничкиот транспорт како алтернатива на традиционалниот патен транспорт, и секако зголемување на брзината на движење.“ – истакна во своето обраќање министерот Јанакиески.
Јанакиески исто така оствари средба со претставници на романската авио-компанија „Таром“ со кои разговараше за можноста за воспоставување на директна авионска линија на релација Скопје – Букурешт за што беше договорена дополнителна средба во следниот период во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа