Утре ќе се „крпи“ дупката на мостот во Драчево – автобусите на ЈСП ќе вртат преку Горно и Долно Лисиче

 

За викендов е најавена санација на дупката на мостот на Маркова Река кај Драчево. Центарот за управување со кризи соопшти дека на овој потег ќе биде воведен времен сообрќаен режим.

-Оштетувањето на мостот ќе се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, што ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на  коловозната плоча. Санацијата е планирано да се заврши за два дена, предвидено до поставување на асфалтната маса и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот, значи во еден период од 20-тина часа, сообраќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10км/h. Времениот сообраќаен режим на овој потег ќе важи до завршување на градежните активности за санација на оштетувањата, па оттука Центарот апелира за максимална претпазливост при возењето на учесниците во сообраќајот, велат од ЦУК.

Но, санацијата ќе направи дополнителен проблем во јавниот сообраќај. Автобусите кои од Драчево возат преку булеварот „Борис Трајковски“ кон Кисела Вода, а потоа кон Центар и Аеродром викендов ќе вртат преку Лисиче.

Ве информираме дека од утре, сабота (18.06.2022 год) во вечерните часови до недела (19.06.2022 год) во вечерните часови, возилата од јавниот превоз од/кон Драчево ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот. По изменет режим ќе возат линиите 31, 33, 41, 42, 51, 67 и 74. Во насока кон Драчево, возилата од булевар "Борис Трајковски" ќе вртат лево на семафорите кај Цементара, па по булевар "Србија", потоа десно по булевар "Дванаесетта македонска бригада" ќе продолжуваат по траса на линија 33 низ село Горно и Долно Лисиче, па оттаму секоја ќе продолжува по својата редовна траса. Посочениот режим ќе важи и во обратна насока, велат од ЈСП Скопје.

 

 

17.06.2022 - 19:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега