„Железна дама“: Неуништлива билка која совршено се вклопува во малите простори
Нејзиното име е аспидистра, а позната е и под името „железна дама“ или „железен цвет“.
Оваа билка има репутација на неуништлива собна билка. Таа може да преживее многу занемарувања и да живее во услови во кои многу други билки би овенале.
Има зелени, долги листови кои го привлекуваат вниманието со својата убавина и големина, а кога се одгледува на отворено, аспидистрата може и да расцвета. Цветовите обично не се појавуваат кога се чува во затворен простор.
Помеѓу предностите на ова растение со потекло од Јапонија и Тајван е фактот што прилично бавно расте и не спаѓа во оние билки кои ви го „окупираат“ просторот преку ноќ, па затоа е одлична за одгледување во мали простори.
Кога е во прашање сместувањето на аспидистрата во вашиот дом, нејзе нема да ѝ сметаат ни оние делови на кои ништо друго не успеало. Таа секогаш е зелена, а може да поднесе постојана сенка или било која друга локација на која нема да добива директна сончева светлина.
Што се однесува до полевањето, тоа е потребно кога земјата ќе се исуши. Ова растение сака умерена количина на влага во земјата – благо влажна, но не целосно влажна земја. Земјата која е предолго влажна може да предизвика скапување на корењата, па затоа пред повторно да ја залеете, оставете добро да се исуши.
Повеќето грешки што се однесуваат на ова растение вклучуваат прекумерно наводнување и ставање на растението на директна сончева светлина, што може да ги избели и изгори неговите лисја.
Северната страна на вашиот дом и локацијата која не е веднаш до прозорец е идеална локација за аспидистрата. Мора да имате на ум дека ова растение не е отпорно на студ – престојот на прениска температура може да го оштети, па дури и да го убие.
Во текот на пролетните и летните месеци, растението еднаш месечно потхранете го со течно ѓубриво.
Аспидистрата е исклучително издржлива билка која со минимална грижа ќе изгледа одлично. Сè додека ја одгледувате во соодветни услови, таа нема да ви задава никакви проблеми.
извор: tocka.com.mk
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа