И Србија протестира против ГМО

Граѓанската иницијатива „Србија без ГМО“ и неколку здруженија и невладини организации организираа денеска протестен собир пред Собранието на Белград и побараа воведување мораториум на прометот и користењето генетски модифицирана храна во Србија, јави Танјуг.

Учесниците на собирот „Заедно за Србија, без ГМО“, носеа транспаренти на кои, меѓу останатото, пишуваше „Стоп ГМО“, „ГМО не“, „Јас не сум научен експеримент“, „Ниту никел, ниту ГМО“, „Земјата не ја даваме“...

Учесниците на собирот предадоа апел упатен до српскиот претседател Томислав Николиќ, како „последна линија на одбрана да не го потпишува најавениот закон со кој се либерализира прометот на ГМО во Србија“. Барањето ќе го поднесат и до премиерот Ивица Дачиќ, вицепремиерот Александар Вучиќ и до министри во Владата.

Претставникот на „Србија без ГМО“ Бранко Чичиќ, рече дека целта на собирот е да се подигне гласот на разумот против, како што тврди, технологијата која претставува досега најголема опасност во историјата на цивилизацијата.

- ГМО и инженерингот се присутни над 20 години и ниту едно од тврдењата на биотехнолошките компании не се покажа како виститино и не се покажа дека ГМО ќе донесе поголеми приходи, туку напротив, многу посеви помалку раѓаат, рече Чичиќ.

Претседателката на собранискиот Однор за заштита на животната средина Милица Војиќ Марковиќ рече дека ако Швајцарија може да си дозволи да биде членка на СТО и да воведе мораториум врз прометот на ГМО, зошто тоа не би можела да го стори и Србија.

04.12.2013 - 16:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега