Општина Аеродром: Инвестираме во капитални проекти за граѓаните
Во изминатата година Општина Аеродром покажа дека инвестира и се грижи за граѓаните, но и со оптимизација на трошоците и домаќинско работење заштедува средства и вложува во нови капитални проекти и инвестиции, велат од општината.
Оттаму потенцираат дека со тој начин на работа ќе продолжат и во наредниот период. Општина Аеродром во моментов го проектира буџетот за 2023 година во кој се планирани инвестиции во неколку важни и капитални проекти.
-Проектирање и почеток на изградбата на две детски градинки и изградба на нов плоштад зад Капитол, доградба и надградба на две училишта и нови паркови во Аеродром се само дел од капиталните проекти кои ги најавуваме на следната година, известуваат од општината.
Од локалната самоуправа на Аеродром истакнуваат дека и во следниот период фокусот ќе биде ставен на зелен и хуман развој на општината, со многу поголем интензитет и динамика. Тоа, како што велат, подразбира дека сите нови објекти кои Општина Аеродром ќе ги изгради во следниот период ќе имаат систем за енергетска обновливост и енергетска ефикасност.
-Општината ги намалува непродуктивните трошоци и вложува во капитални проекти. За првпат Општина Аеродром следната година ќе издаде „зелена обврзница“ која ќе биде поддршка во реализација на капиталните инвестиции во време на економска и енергетска криза, соопштуваат од општина Аеродром.
Оттаму истакнуваат дека следната 2023 година ќе биде година на интензивни капитални инвестиции.
-Граѓаните на Аеродром заслужуваат модерна и развиена општина. Општина во која се инвестира, се градат капитални проекти. Општина во која се реализираат голем број проекти и каде европските стандарди интензивно се реализираат и имплементираат, за што говори и последното признание кое Аеродром го доби од страна на Советот на Европа, нагласуваат од општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа