Од почетокот на инвазијата врз Украина, сто илјади ИТ експерти ја напуштиле Русија

 

Околу 100.000 руски експерти за информатичка технологија ја напуштиле својата татковина од почетокот на инвазијата на Москва врз Украина, соопштија локалните власти.

– Всушност, ако ги погледнеме двата брана на заминувања, до 10 отсто од вработените во ИТ компаниите ја напуштиле земјата и не се вратиле, изјави рускиот министер за дигитализација Максут Шадаев на собраниска расправа.

Сепак, тој рече дека 80 отсто од тие луѓе сè уште се вработени во руски компании и дека е против тоа да им се забрани на овие Руси да работат од нивните сегашни локации.

Првиот бран на емиграција се случи непосредно по објавувањето војна на рускиот претседател Владимир Путин во февруари, веднаш откако нареди делумна мобилизација на резервните трупи во Русија.

ЕУ не им дозволи на повеќето Руси кои бегаат да влезат на нејзина територија, па затоа многумина побараа засолниште во соседните поранешни советски републики. Во Русија некои од нив се нарекуваат „предавници на татковината“, пренесе ДПА.

Руската Влада и Парламентот дискутираат за закон со кој на иселениците ќе им се забрани да продолжат да работат за руски компании. Владата во Москва верува дека тоа ќе ги спречи да се издржуваат во странство. Дискусиите во моментов се водат околу тоа кои сектори треба да бидат изземени од забраната.

Недостигот од руски ИТ експерти неодамна доведе до тоа тие и официјално да бидат ослободени од регрутирање за воена служба. Сепак, многу Руси не им веруваат на уверувањата на Кремљ и претпочитаат да се држат настрана од својата татковина.

20.12.2022 - 20:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега