Општина Центар: Во државата постојат закони за сите, Герасимовски и инспекцијата затворија градилиште позади Универзална сала

 

 

Вчера вечер, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, придружуван од општински градежен инспектор и припадници на полицијата, излегоа на терен и затворија градилиште на улица „9 Мај“, позади Универзалната сала, информираат од Општина Центар.

„Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење и ја искинал жолтата лента со која утринава градежен инспектор на Општина Центар му го затворил градилиштето. Мора да сфатиме дека во оваа држава постојат закони и тие важат за сите“, изјави Герасимовски.

Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ има одобрение за градење и градежен проект за заштита на градежна јама, за обезбедување на соседните парцели. Со тоа инвеститорот е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење, се додава во соопштението.

Појаснуваат дека по извршениот увид од страна на градежен инспектор од Општина Центар, градилиштето вчера наутро било затворено. Инвеститорот попладнето сам си ја отстранил заштитната инспекциска лента и продолжил со градење.

По вториот извршен увид, градежен инспектор на инвеститорот му одреди рок за да го врати градилиштето во првобитна состојба и да продолжи да гради согласно издадената техничка документација, додаваат од Општина Центар.

04.03.2023 - 10:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега