Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители
Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители:
Светиот свештеномаченик Поликарп, епископ Смирненски
Овој голем апостолски маж се роди како незнабожец. Во верата Христова го воведе и го крсти Свети Јован Богослов. Во раното детство Поликарп остана сираче и според некој нејзин сон го зеде една благородна вдовица Калиста, којашто го подигна и го воспита како сопствен син. Поликарп беше благочестив и милосрден од детството. Се трудеше со животот да го подражава Св. Вукол, тогашниот епископ во Смирна, а и Светите апостоли Јован и Павле, коишто ги познаваше и ги слушаше. Св. Вукол го ракоположи за презвитер, а пред смртта го покажа за свој наследник во Смирна. Апостолските епископи што се собраа на погребот на Вукол го хиротонисаа Поликарп за епископ. Поликарп имаше дар на чудотворство од самиот почеток. Така го изгони демонот од слугата на некој кнез, со молитва го запре силниот пожар во Смирна во она време. Гледајќи го ова мнозина незнабожци во Смирна го сметаа за еден од боговите. Низведуваше дожд сред сушно време, исцелуваше болести, прорекуваше итн. Пострада во времето на царот Марко Аврелиј. Три дена пред смртта Св. Поликарп прорече: „За три дена ќе бидам фрлен во оган заради Господ Исус Христос!“ И кога војниците го фатија третиот ден и го поведоа на суд, возвикна: „Нека биде волјата на Господа Бога мој!“ Кога судијата го советуваше да се одрече од Христа и да ги признае римските богови, Поликарп му рече: „Не можам да менувам подобро за полошо!“ Евреите посебно го мразеа Поликарп и настојуваа да биде изгорен. Кога го врзаа и го положија на кладата, тој долго Му се молеше на Бога. А беше многу стар, белокос и светол како ангел. Луѓето сите видоа како пламенот го обвива, но не го допира. Исплашени од оваа појава незнабожните судии му наредија на џелатот низ пламенот да го убие со копје. Кога беше прободен од него истече толку многу крв, што сиот оган изгасна, а телото остана цело и ненагорено. Наговорен од Евреите судијата нареди мртвото тело на Поликарп да се запали според елинскиот обичај. Така нечестивите го запалија мртов оној когошто жив не можеа да го запалат. Св. Поликарп пострада во 167 година на Велика сабота.
Тропар
Велик учителу на Црквата Христова, епископе Божји со благодат преисполнет, поучуван од апостолите, дар за пророкување ти беше подарен, Поликарпе, храбар Господов подвижнику, со мноштво венци овенчан, огнот светоста твоја не ја допре, моли се, свети мачениче, с? да поднесуваме со смирение и трпеливо да ги спасуваме нашите души.
Преподобен Дамјан
Монах на манастирот Есфигмен на Света Гора. Му беше современик и другар на великиот Козма Зографски. Се подвизуваше на гората Самарија меѓу Есфигмен и Хилендар. Се упокои мирно во 1280 година. Откако се упокои од неговиот гроб четириесет дена избиваше прекрасно благоухание.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа