Хуман потег: ЕВН постави метални гнезда на новите бандери за штрковите во село Ржаничино
Од Здружението „Анима Мунди“ преку својот официјален фејсбук профил информираат дека проблемот со гнездата на штрковите во село Ржаничино е решен. Имено, штрковите годинава не можеле да се вратат на своите гнеза поради промена на бандерите со нови.
„Штрковите имаат каде да свијат гнездо во село Ржаничино.
Пред приближно недела дена жители на Ржаничино ни се обратија за помош, нѐ известија дека штрковите кои од топлите краишта се вратиле во селото се оневозможени да свијат гнезда и создадат семејства, поради замена на старите бандери во селото со нови бетонски столбови од страна на ЕВН. Стануваше збор за неколку пара од овие птици преселници, кои се вратија во родниот крај за да создадат подмладок, но на новите бандери немаа како да свијат гнезда. Се обративме во ЕВН и побаравме нивна интервенција за да се заштитат, да се избегне нарушување на нивната биолошката динамика и избегнат низа опасности по птиците, особено малите штркови.
Сакаме да информираме дека на барањето ни беше одговорено веднаш, а веќе по неколку дена проблемот беше решен. Во период од неколку дена екипи на ЕВН дојдоа во селото и поставија метални гнезда на сите посочени локации, а птиците веднаш слетаа на своите стари локации за да прават нови гнезда.
Оваа вест е важна за да ја охрабриме хуманоста секогаш и секаде, кон секое живо суштество, а воедно и да ја поттикнеме и засилиме општествената одговорност кон животните.
Благодариме на жителите кои нѐ информираа, особено на господин Злате од Ржаничино кој ни ги обезбеди сите детали, како и на ЕВН кои овој проблем го согледаа веднаш и направија сѐ за да се надмине.“-пишуваат од Анима Мунди.
05.04.2023 - 15:06
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа