Груевски ги повика германските бизнисмени да инвестираат во Македонија

 

Владина делегација предводена од претседателот на Владата Никола Груевски, во чиј состав се и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо, престојува во економска посета на Берлин, Сојузна Република Германија каде доцна синоќа учествуваше на Конференцијата која се одржа во организација на Здружението на Источна и Средна Европа.

Премиерот Груевски истакна дека Германија е најзначајниот трговски партнер на Република Македонија затоа што 20 проценти од извозот на Македонија оди токму во Германија. Тој изјави „она што е значајно е фактот што освен што имаме силна економска и трговска соработка во последните неколку години, Германија станува значаен инвеститор во Македонија изразен низ повеќе крупни инвестиции на германски компании како што се „Кромберг и Шуберт“ и „Дрекслермајер“ кои што од неодамна работат во Македонија и остваруваат извоз, посочи пред присутните премиерoт Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека се направени крупни чекори за подобрување на бизнис климата. Еден од таквите позначајни проекти кој ги водеше македонската Влада е проектот регулаторна гилотина кој се спроведе во соработка со стопанските комори во Македонија со чија соработка се дојде до кратење или нивно целосно укинување на многу бирократски и административни бариери кои постоеја во минатото, а кои го отежнуваа водењето на бизнис. Тој изјави „во комбинација со редица други мерки и чекори кои беа направени на овој план Република Македонија за само 6 години ја подобри и покачи својата позиција на ранг листата на Светската банка во годишното издание наречено Дуинг бизнис,  од 94-то место на кое се наоѓавме во 2006-тата година денес сме на 25-то место во светот, од вкупно 183 земји кои што ги следи Светска банка и ова рангирање е подобро од речиси сите земји од Централна и Источна Европа и е подобро од 21 од вкупно 28 земји членки на Европската Унија. Дополнително она што дава гаранција и сигурност на потенцијалните инвеститори е 16-то место кое го дели државата на истата таа листа според заштитата на инвестициите. За 45 места според извештајот за Најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ (од 82-то на 37-то место) и 35 места според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ (од 78-то на 43-то место), изјави пред присутните премиерот Груевски. Исто така, Груевски истакна дека Македонија го воведе рамниот данок. Персоналниот данок на доход се намали на 10 проценти, данокот на профит, исто така, се намали на 10 проценти, меѓутоа само за компаниите кои што профитот го делат во дивиденда. Оние компании кои што одлучуваат профитот да не го поделат во дивиденда, односно да го зачуваат во компанијата или пак да го реинвестираат, тие компании не плаќаат данок на профит во Македонија, односно нула проценти данок неограничен број на години, и неограничен износ што Македонија ја прави држава со најповолен даночен пакет во Европа, истакна Груевски.

 

Премиерот Груевски ги наброи и предностите и реформите кои се прават во сферата на образованието. Тој истакна дека Македонија не само што нуди најниски трошоци за правење на бизнис, туку државата нуди и квалитетна образована работна сила. Премиерот Груевски изјави „Македонија инвестира во квалитетна и високо обучена работна сила и тoa изнесува 6.5% од БДП на земјата што во основа е над просекот на државите од Европската Унија. Воведени се многу новини во основното и средното образование, нови предмети како бизнис, иновации, етика. Англискиот јазик како задолжителен се воведе од прво одделение, а од 6-то и втор светски јазик, најчесто германски или француски. Но, и се мотивираат најмладите да продолжат со високо образование и тој процент е драстично зголемен споредено со минатото, штoе сериозен капитал во добрата понуда за потенцијалите инвеститори. Дополнително се преведоа околу 1 000 книги од сите сектори кои се користат од 10-те најдобри универзитети во светот според Шангајската листа и се презема инвестиција за отворање на огромен број на лаборатории кои се ставија на користење на универзитетите. Важно е што  македонските универзитети меѓу другото им нудат на компаниите кои ќе се одлучат да инвестираат, во периодот додека се гради фабриката, да имаат можност одредени групи на студенти во последните години од студирањето да го насочат нивното внимание токму на она што им е потребно на оние компании кои вложуваат. Таквата можност ја искористија неколку големи компании кои работат во државата, истакна пред присутните Груевски.

Премиерот Груевски ги повика германските инвеститори да ја посетат Македонија и да ги искористат предностите кои им се нудат со цел изградба на капацитети и поттикнување на инвестиционата активност.

 

Директорот на „Дојче Банк“ за Централна и Источна Европа Петар Тилс истакна дека Македонија воведува многу иновативни инструменти и погодности на пазарот што овозможува резултатите да бидат позитивни да ги има едни од најдобрите стапки и рангирања во регионот. Лобирањето за нови инвестиции кое го прави државата апсолутно е една од најисправните работи кои треба да се прават, посочи Тилс.

 

Сопственикот на консутлантска и адвокатска компанија „Грамс и Партнер” г-дин Хералд Грамс, посочи дека Македонија е мошне интересно место за инвестирање, и согласно информациите кои стојат на располагање, македонската Влада е отворена за привлекување на странски капитал, за што вреди да се навлезе подлабоко во процесот на инвестирање.

 

11.12.2013 - 09:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега