Пендаровски: Македонскиот јазик е чувар на нашата колективна меморија и лингвистичка гордост

 

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски упати порака до јавноста, во која истакна дека македонскиот јазик е чувар на нашата колективна меморија, но и лингвистичка гордост.

„Денеска го чествуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, заштитникот на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, ден кога ја славиме нашата посебност. Денеска оддаваме почит на македонскиот јазик кој е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост.

Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција е семето на македонската држава и порив кој не води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации“, порача Пендаровски во честитката.

„Но, да не ги заборавиме и нашите предци и нивната борба за докажување на посебноста на македонскиот јазик. Се потсетуваме на сите, кои со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е Крсте Петков Мисирков, кој ни укажуваше дека јазикот е нашето духовно благо. Со пиетет го споменуваме кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, кој не учеше дека јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина.

Во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, сакам да укажам на неопходноста да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор.
 
Нека ни е за многу години Денот на македонскиот јазик“, стои во честитката на шефот на државата испратена до медумите. 

05.05.2023 - 09:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега