Шаленберг: Бугарија да ги надмине билатералните прашања, Скопје трчаше тежок маратон, штета е да се сопне на последната пречка

 

 

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг кој заедно со неговите колеги од Чешка и Словачка е во Македонија истакна дека нашата држава е најсигурниот партнер за Австрија надвор од ЕУ.

Австрија, Чешка и Словачка, како што додаде Шаленберг се најверните поддржувачи на Северна Македонија надвор од ЕУ.

Шефовите на дипломатијата како што и самите изјавија се дојдени и овластени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел, да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ за прашања поврзани со досието за европска интеграција на Република Северна Македонија.

„Дојдовме да ја искажеме пораката од Борел. Тоа е порака на охрабрување. Нема време за губење. Одлагањето на уставните измени значи и одлагање на патот кон ЕУ. Би било штета Скопје, кое истрча тежок маратон да се сопне на последната пречка. Северна Македонија се соочува со опаснот да биде излорирана доколку не продолжи по европксиот пат“, порача Шаленберг.

Според него сега е моментот за политичка одговорност.

„Моментот е сега. Ние не се мешаме внатре во работите на РСМ. Решението ќе дојде од внатре од Северна Македонија а не од Брисел, или од Виена или од Прага или од Софија, вам ви останува дали ќе одите напред. Ставете ја политичката пред партиската одговорност. Сега е време кога треба и стратешки да се размислува. Ова е време и за порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки. И понатаму ќе ве поддржуваме. Северна Македонија е модел за целиот регион и сакаме и натаму да останете ваков светол пример“, порача Шаленберг.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи одговори дека рокот за завршување на процесот со уставните измени зависи од скрининг процесот кој како што рече треба да заврши во ноември.

На прашањето дали очекува ново вето или блокада од Бугарија Османи рече дека нема други предуслови освен веќе постоечките патокази и акциски план.

Османи истакна дека во моментов во државата по прашањето на уставните измени и европскиот пат постои голема пропаганда а македонската опозиција ја користи фрустрацијата на граѓаните и истата сакаат да ја претворат во политички поени свртувајќи ја ситуацијата во своја корист.

13.07.2023 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега