Наке Георгиев го поддржале шест од 13 судии кои гласале
Повеќе шкртаници и неважечки гласачки ливчиња, отколку гласови за судијата Наке Георгиев да биде член на Судскиот совет, има од судиите во Врховниот суд. На гласање излегле 13 лица меѓу кои е и тој самиот, а глас за него дале шест. Тој е избран, како единствен кандидат, а со оглед дека нема законски одредби со кои се бара цензус.
„Запишани се 16 судии, вкупен број на гласачи се 13, број на неважечки гласачки ливчиња се 7, неупотребени се 3“, рече Субхи Јакупи, претседател на Комисијата за избори.
Тој кажа дека Гоергиев е избран со шест гласа.
„Вкупниот број кој ги добил кандидатот од листата на Врховен суд, е Наке Георгиев, со шест гласа. Бидејќи немаше друг кандидат, беше единствен, врз основа на податоците и сумирање на податоците, е избран Наке Георгиев.
Освен Георгиев, со 110 гласови, за член на Советот е избрана судијката од Граѓанскиот суд Скопје Антоанета Димовска.
Изборите доаѓаат во време кога највисокото судско тело е цел на критичната јавност. Министерот за правда Кренар Лога предложи негово распуштање. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека треба ремонт. Невладините организации, меѓу кои и „Коалицијата за правично судење“, побараа сите членови да поднесат оставки. Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет поради скандалите.
Кандидатската листа дополнително влијаеше негативно врз рејтингот на ова тело откога се дозна дека на кандидатот Наке Георгиев му била запрена постапка за утврдување одговорност непосредно пред да бара доверба за да биде член на Судскиот совет. Вториот кандидат, судијата Лазар Нанев, немал комплетна документација, но мнозинството членови гласале тоа да не биде пречка за тој да остане кандидат. Нанев истовремено е судијата што навиваше на трибини со ексминистерот за правда, Никола Тупанчески, и обвинителката Фатиме Фетаи, на сметка на ФФМ. Забелешката кај кандидатката Антонета Димовска е што е сестра на пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, но нема дисциплински и постапки за утврдување одговорност. Димовска важи и за критичар на судството, која потенцира дека му е потребна реформа.
Судскиот совет, кој брои 15 члена, изминатиот период се соочи со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците. Потпретседателот Селим Адеми рече дека тогашната претседателка Весна Дамева го криела писмото и за него дознале од медиумите. Таа се правдаше дека била на одмор и тој требало да го презентира писмото.
По ова, следуваше разрешување на Дамева. На јавна седница за нејзина смена гласаа седум члена. Потоа, во четири ѕида, била повлечена одлуката за разрешување на Дамева со седум гласа, па повторно се гласало и со девет гласа ја тргнале од функцијата. Сашко Георгиев, новиот избран претседател, уште неседнат, рече дека свесно била исклучена јавноста.
Жестоки реакции имаше и од правната фела, кои констатираа низа нерегуларности.
Критики упати и холандскиот амбасадор, кој го оцени ова тело како нелегитимно, а набргу потоа, пред речиси еден месец, судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа