Груевски до германските бизнисмени: Инвестирајте во Македонија!
Шефот на Владата, Никола Груевски, денеска ги повика германските бизнисмени да инвестираат во Македонија.
- Несомнено странските инвестиции имаат големо значење за македонската економија поради што како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме севкупната поддршка за реализација на инвестициите, истакна премиерот Груевски во обраќањето на економскиот форум „Европа 20–20: Предизвици и реформи за стопанството и животната средина, што се одржува денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Европската бизнис асоцијација.
Премиерот се осврна на реформите за подобрување на бизнис-климата, очекувањата за состојбите во економијата и за резултатите од преземените активности во Македонија.
- Македонија успеа да се наметне како земја од која на германскиот пазар се испраќаат производи со повисока технолошка вредност. Ова ја подобрува перцепцијата кај германските бизнисмени и претставува силен аргумент Македонија да биде следната локација за нивните инвестиции, рече Груевски, укажувајќи оти потврда за тоа се последните статистички податоци според кои Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија со вкупна надворешна трговска размена од 1,4 милијарди евра во 2012 година. За периодот јануари – септември размената изнесува 1,2 милијарди евра што претставува раст од скоро 20 проценти споредено со истиот период лани. Извозот, како што посочи, во 2012 година изнесува 914 милиони евра и е скоро трипати поголем во однос на 2009 година.
Груевски потсети и на поволностите за странските и домашните инвеститори во слободните економски зони.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа