За власта одложувањето на уставните измени ќе го комплицира процесот, за опозицијата избори се единствено решение

 

За власта уставните измени се неопходни државата да ја исполни стратешката цел и врвен национален интерес, а тоа е членството во ЕУ. Вицепремиетот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера порача дека колку повеќе чекаме повеќе и сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија. За опозицијата, пак, изборите се единствено решение и остануваат на ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера порача дека по изборите ќе понудат решение.

-Праксата покажува дека времето не работи во наша корист кога сме надвор од процесот. Колку повеќе чекаме повеќе и сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија. Да не дозволиме да го комплицираме процесот кога сега ни е патот јасно поставен пред нас, истакнува во интервју за Рацин.мк вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Договорот не е направен по „бугарски диктат“. Напротив, сме постигнале Договор со кој сме го извлекле максимумот и кој сме го преговарале во наша полза, со што успеавме да ги ставиме во една рамка барањата и обврските од двете страни, и македонските и бугарските, вели тој.

Додава дека нашата преговарачка рамка го заштитува македонскиот јазик, идентитетот, со што, вели, успеавме бугарските прашања да не станат европски и да не ја доведуваат во прашање европската иднина на Северна Македонија.

-Обврските се опишани во преговарачката рамка и тоа се обврски кои што ние сме ги прифатиле за достигнување на стратешката цел до 2030 година, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Нашите главни барања во договорот се исполнети и затоа не постои ниту еден аргумент дополнувањето на македонскиот Устав да се нарекува бугарски диктат – не, тоа е европски предлог и зад ваков предлог цела ЕУ никогаш повторно нема да застане заедно затоа што во Унијата има турбулентни процеси и европски избори следната година, посочува Маричиќ.

Дециден е дека нема да има подобра рамка нема да има. - Тоа цела ЕУ ни го кажува, тоа го знаеме и ние самите и секој којшто вели поинаку не сака да ја види нашата држава во ЕУ. Подобар Договор од овој кој го имаме не може да се постигне, со овој сме во поволна позиција од која може лесно и безболно за нашите национални интереси да се поентира  и да се загарантира европската перспектива, наведува Маричиќ. 

-На ВМРО-ДПМНЕ многупати досега им е кажано од страна на нашите европски пријатели, високи претставници од државите членки на ЕУ, дипломатите во земјава, европратениците дека преговарачката рамка не може да се репреговара и дека не е можен нов Договор, истакнува Маричиќ.

Вели дека репреговарање на рамката која што е веќе договорена и усвоена лани, на првата Меѓувладина конференција не може да има и не можеме да ја менуваме.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, на ден по собраниската седница за уставните измени изјави дека е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема и нема ниту да има. Според него, лажно е тврдењето на власта и нивното упростување на работите дека од прифаќањето  уставни измени под бугарски диктат ќе зависело дали ќе сме биле за ЕУ или против ЕУ.

-Ова воопшто не е таков избор, затоа што мнозинството на народот и јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено сме за влез на Македонија во Европската Унија, затоа што тоа е нашиот единствен пат. Но не по цена на себеодрекнување, не по цена на диктат кој е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања. Не за влегување во повторната игра на стапот и морковот, без било какви гаранции за влез во ЕУ, од кој што земјава ќе го види само стапот, односно уште една блокада. На крајот сите ние веруваме во Копенхашките критериуми, кои сигурно не се прифаќање на едно лудило од барања на соседната држава, со јасна тенденција да го избрише постоењето и историјата на друга држава, нагласи меѓу другото Мицкоски.

Според него, не е точно дека е поразен концептот за „Македонија и ЕУ“, како што сака да го престави тоа власта, туку е поразен нивниот концепт на гледање на работите „како Македонија може да дојде или воопшто никогаш да не дојде до ЕУ“.

-Клучната грешка на власта во процесот на создавање на ова решение кое гледаме како заврши, е тоа што целосно ја исклучи опозицијата. Седеа, договараа, прифатија се што другата страна сака, и излегоа во јавност и сега велат ајде прифатете. Не може да бараат консензус за нешто во кое што не сме биле вклучени во неговото креирање, подвлече Мицкоски. 

20.08.2023 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега