Состанок со директорот на Одделот за статистика на ММФ: Статистичката улога на НБ е витална за носењето соодветни макроекономски политики
Квалитетното, навремено и транспарентно извршување на статистичката функција на Народната банка е од витално значење за обезбедувањето на економската стабилност, водењето на монетарната политика и за донесувањето одлуки засновани врз информации од страна на носителите на политиките, за стопанството и за граѓаните. Народната банка, во согласност со највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на ММФ – СДДС плус, редовно прибира, обработува и објавува податоци, а постојано работи и на развој и надградба во одделните статистички домени. Наскоро, Народната банка ќе започне да ги објавува кварталните финансиски сметки, со што се заокружуваат сите показатели според СДДС плус, во нејзина надлежност. За ова беше разговарано на состанокот меѓу директорот на Одделот за статистика на ММФ, Алберт Крусе и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска, одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, коишто се одржуваат во Маракеш, Мароко.
На средбата беше истакнато дека Народната банка од минатата година, како дел од процесот на усогласување со меѓународните статистички стандарди, започна со објавување нов сет статистички податоци за должничките хартии од вредност. Од овој месец, Народната бака ќе ги објави и првите податоци за кварталните финансиски сметки, со што ќе се овозможи достапност на пофреквентни информации за носителите на политиките и за согледување на движењата кај одделните сектори. Дирекцијата за статистика на Народната банка учествуваше и во состаноците од билатералната фаза на аналитички преглед, како дел од евроинтеграциите, при што беше утврдена висока усогласеност кај одредени показатели, како и план на активности за понатамошно усогласување. Во делот на екстерните статистики се прават напори за натамошно олеснување на процесот за известување преку дигитализација.
Народната банка постојано применува практики за зајакнување на транспарентноста и остварува редовна комуникација со известувачите и со корисниците на статистичките податоци. Покрај на квалитетот, особено внимание му се посветува и на соодветното пренесување на податоците пред целната јавност, преку визуализација и публикација на текстови и статистички содржини, вклучително и на платформите од широк јавен интерес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа