Костадиновска-Стојчевска: Вреднувањето и моќта на културата се срцето на секоја заедница
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска престојуваше во работна посета на НУ Центар за култура во Дебар каде што в.д. директорката Едона Алили ја запозна со состојбите и активностите на оваа единствена национална институција од областа на културата во градот.
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека вреднувањето и моќта на културата, како срце на секоја заедница, во Дебар се должи токму на активното и успешно работење на Центарот за култура.
- Во рамки на годишната програма Министерството за култура континуирано поддржува проекти што се од интерес за граѓаните на Дебар, како: изложби, концерти, театарски претстави. Во контекст на заштитата на културното наследство, пак, во изминатиот период беше реализиран и проектот за конзерваторско-реставраторски интервенции на покривот и фасадите на тамбурот од куполата на црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во село Рајчица, рече министерката.
Вршителката на должноста директорка Алили ја информираше министерката дека Центарот за култура е установа со мултифункционален карактер, која реализира активности од сите дејности од областа на културата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа