Костадиновска-Стојчевска: Конзерваторски центар – Скопје шест децении чувар во заштитата на културното наследство
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска присуствуваше на одбележувањето на 60-годишниот јубилеј од постоењето и успешно работење на Националната установа Конзерваторски центар – Скопје.
Како што информира Министерството за култура, честитајќи го јубилејот, Костадиновска-Стојчевска истакна дека иако станува збор за навидум мала национална установа, Конзерваторскиот центар – Скопје се грижи за голем број споменици кои се белег на нашиот главен град, со богата историја.
- Професионалците од оваа установа веќе 60 години секојдневно и посветено работат на полето на заштитата на културното наследство. Овој јубилеј е повод да изразиме благодарност до основополжниците на институцијата, до сите ентузијасти, конзерватори и археолози кои со генерации наназад се грижат, го истражуваат и го чуваат нашето културно наследство, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека сепак заштитата и грижата за културното наследство е наша заедничка обврска, наш белег на препознатливост.
- Зборуваме за Скупи, за Аквадуктот, за фреските од црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, за комплексот „Св. Спас“, каде што сме сега, и за познатата резба на Мијачката школа од која се испреплетува иконостасот во црквата „Св. Спас“, заедно со престолните икони, ремек-дело на Дичо Зограф. Богатата историја на Скопје во наследство ни ги остави и Мустафа-пашината џамија, многубројните анови и амами кои денес градат една синтеза на минатото и сегашноста, а за кои, исто така, одговорноста е наша, нагласи министерката за култура.
Според Костадиновска-Стојчевска, Министерството за култура како искрен партнер во развојот и растежот на оваа носечка институција во Скопје, покажува целосна одговорност и поддршка за сите активности што Конзерваторскиот центар ги иницира и ги спроведува.
- Свесни за кадровската состојба во заштитата, од оваа година покрај финансиската поддршка на програмските активности, Министерството за култура овозможува и стручно усовршување на дефицитарни кадри од областа на културата и заштитата и на полето на конзервацијата, рече министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до сите оние што ја носат одговорноста за професионалната грижа за културното наследство на градот и што придонесоа Конзерваторскиот центар на Град Скопје да се вброи во редот на институциите кои се еден од столбовите на македонската култура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа