Анѓушев на одбележувањето 20 години Феро Инвест и Брако – обединување на стопанството, ЗЕК, силни партнерства, градење кадри (ВИДЕО)

 

 

Во Македонија треба да научиме дека обединувањето на добрите страни во општеството е тоа што може да направи иднина во земјата, изјави сопственикот на Феро Инвест и Брако, Кочо Анѓушев, на настанот по повод одбележувањето на 20 годишниот јубилеј на компаниите.

Анѓушев пред присутните предложи најголемите македонски компании да се обединат и да формираат акционерско друштво кое ќе инвестира во изградба на голем батериски систем од 200 мегават часа, за да овозможат енергетската транзиција на земјата да успее.

„Енергетската транцизија е одлична идеја, но мораме да знаеме дека тој процес е скап и има многу предизвици. Ние во нашата фирма веќе две години работиме на развој на батериски системи за складирање на електрична енергија, и последната фотоволтаична електрана што ја изградивме во Ранковце, е електраната каде ќе се постави батериски систем. Токму енергетската транзиција е можност за обединување, ние мора да најдеме начини за да во иднина се справуваме со вишоците и кусоците на енергија, затоа ни треба голем систем за балансирање. Давам предлог до сите најголемите стопанственици, до сите кои сакаат да инвестираат, да формираме заедничко акционерско друштво и да изградиме голем батериски систем од 100-200 MWh, кој ќе биде гаранција дека енергетската транзиција ќе успее“ – повика Анѓушев на обединување на стопанството за да се помогне енергетската транзиција на земјата.

Анѓушев во обраќањето зборуваше дека успехот на Феро Инвест и на Брако се должи на силните партнерства.

„Ако ме прашате што стои позади успехот на Феро Инвест и на Брако, ќе ви одговорам дека тоа се силните партнерства, кај нас во Македонија постои мислење дека луѓето се караат и партнерствата брзо се распаѓаат, но кај нас во Феро Инвест и во Брако тоа не е така, ние немаме ниедно лошо искуство за овие две децении“ – потенцираше Анѓушев.

Анѓушев нагласи дека во индустријата, а особено во енергетиката, потребно е да се има план за најмалку 10 години.

Во наредните 10 години групацијата планира инвестиции во нов концепт наречен земјоделско енергетски комбинат, инвестиции во автоматизација и роботизација на производството во Брако, како и нови модели на еколошки возила за одржување на хигиена во урбани средини.

„Во минатото, во социјализмот, постоеше еден концепт кој се нарекуваше земјоделско индустриски комбинат – ЗИК, а тоа сега се менува и создаваме нов концепт – ЗЕК, земјоделско енергетски комбинат, кој ќе претставува класичен пример на циркуларна економија и би требало да се усвои во цела држава. Заедно со компаниите Агриа и АСП ПАК работиме на тоа да во овчеполието направиме земјоделско енергетски комбинат кој на 2600 хектари ќе поддржува две био гасни електрани со капацитет од 3 MW, кои освен електрична енергија, ќе произведуваат и топлинска енергија, со која ќе може да се затоплуваат оранжерии, ќе се отвори и фабрика за производство на хумус, како и фарми со крави. Ние ќе го работиме тоа што го знаеме, енергетскиот дел, а бараме партнери во делот на земјоделието и сточарството кои знаат тоа да го работат, пришто ќе им овозможиме простор, а ќе се осигураат и дека органскиот отпад ќе биде секогаш собран и ќе се употребува во производството на енергија. На овој начин со ЗЕК добиваме електрична енергија, раноградинарски култури, млеко и млечни производи, хумус и што е многу важно нула отпад, што е најдобар пример за циркуларна економија“, објасни директорот на Феро Инвест и Брако.

На настанот беше промовиран нов модел на електрично возило за одржување на хигиена во урбани средини GM 720 ZE, двокубично компактно градско возило, со најмодерни електрични хаб мотори, развиено од идеја до целосна реализација од инженерите во БРАКО, во сорабока со Машинскиот факултет во Скопје.

Во своето излагање извршниот директор на Феро Инвест и БРАКО истакна дека иднината на групацијата останува во сигурни раце, дека се вложува во развој на млади кадри кои ќе бидат носители на бизнисот во наредните години и дека растот ќе продолжи.

Групацијата Феро Инвест е лидер во областа на обновливите извори на енергија со реализирани над 100 проекти за мали хидро електрани, фотоволтаици, биогасни централи и трафостаници, додека БРАКО е компанија која произведува најсовремени електрични и водородни возила за одржување на хигиена во урбани услови, автоматизирани машини, метални конструкции, медицински помагала, опрема и мебел, како и цела палета на жичани производи, а своите производи ги пласира во над 60 земји во светот.

25.11.2023 - 12:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега