(Видео) Пендаровски: Кај нас се говори со јазикот на корупцијата, дури четвртина од граѓаните подлегнале на притисок

 

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Скопје се обрати на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина“.

Во своето обраќање Пендаровски истакна дека суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата, посочувајќи дека борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Затоа, според претседателот Пендаровски, ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел.

„Евидентно, кај нас прилично фреквентно се говори јазикот на корупцијата. Според истражувањето на јавното мислење спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување, овој јазик го „зборуваат” дури четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијание. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали, навидум занемарливи суми. Меѓутоа, корупцијата е корупција, независно дали станува збор за 500 денари или 500.000 денари.

За жал, многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат јазикот на корупцијата. За разлика од нив, оние кои не се дел од тој ланец се честопати дискриминирани, бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до оние услуги што им следуваат по закон. А, многу млади кои не можат да напредуваат врз основа на сопственото знаење, квалификации и вештини, едноставно си заминуваат од државава“, истакна Пендаровски.

Оцени дека ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки за него е кога примената на правото, зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат, па, често законската терминологија добива различно, некогаш и спротивно значење од изворното.

„На крајот од денот, одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но, кои немаат со што да „тргуваат“ за да ја откупат својата слобода. Се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив. Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција.

Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. За драстично редуцирање на корупцијата мора да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди бидејќи на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите, дури и за најмоќните и најбогатите“, кажа Пендаровски.

13.12.2023 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега