Фатиме Фетаи бара Советот да ја преиспита својата одлука за отфрлање на нејзината кандидатура поради некомплетна документација
За Фетаи е несфатливо зошто ѝ се бараат потврди за деловна способност и за познавање на македонски јазик бидејќи смета дека не би ни можела да биде јавен обвинител ако не е деловно способна.
-Ако и за двете работи Советот смета дека мора да се докажува со посебен документ тогаш ниту една од сега поднесените документации не е комплетна, бидејќи никој не доставил уверение за познавање на македонски јазик на пример. Дополнително, деловната способност е еден од општите услови предвидени за секој јавен обвинител, не само за ЈО на РСМ. Би било пожелно ако веќе Советот се држи до став како денешниот да одговори колку од сите досега избрани обвинители во државата имаат доставено уверение за докажување дека се деловно способни, вели Фетаи за Прес24.
Обвинителката Фатиме Фетаи излезе од игра за можен заменик на Љубомир Јовески. Советот на јавни обвинители на денешната седница констатираше дека таа нема комплетна документација и поради тоа воопшто не дискутираше, ниту гласаше за Фетаи.
Од тројцата пријавени кандидати, Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство, само за Коцевски е дадено зелено светло за заменик на Јовески.
Во изјава за медиумите, претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска рече дека што се однесува до Фетаи, таа немала комплетна документација, односно потврда за деловна способност, а за Лидија Раичевиќ Димитриеска рече дека дале негативно мислење.
ДВ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа