Русија: Сè поблиску сме до заедничко производство на оружје со Индија
Русија и Индија постигнаа конкретен напредок во разговорите за плановите за заедничко производство на воена опрема, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по разговорите со неговиот индиски колега Субрахмањам Џаишанкар во Москва.
На прес-конференцијата Лавров ваквата соработка ја нарече стратешка и рече дека таа е во интерес на двете земји и дека ќе помогне да се обезбеди безбедност на евроазискиот континент. Тој рече дека Москва ја почитува желбата на Индија да ја прошири својата листа на доставувачи на воена опрема, но исто така е подготвена да ја поддржи желбата на Њу Делхи да произведува работи што ѝ се потребни на Индија во Индија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата меѓу Џаишанкар и рускиот претседател Владимир Путин е договорена подоцна во текот на денот.
Џаишанкар рече дека в година се очекува и средба меѓу Путин и индискиот премиер Нарендра Моди. Тој додаде дека со Лавров разговарале за конфликтите во Украина и Газа, како и за билатералната трговија и инвестиции.
Откако Западот воведе обемни санкции кон Москва во 2022 година поради војната во Украина, Индија стана еден од главните економски партнери на Русија. Имено, Русија пренасочи голем дел од извозот на нафта во Индија и ја зајакна дипломатијата во рамките на групата на нациите БРИКС, група за економска соработка основана од двете земји, во која се и Бразил, Кина и Јужноафриканската Република.
Според Џаишанкар, вредноста на трговијата меѓу Индија и Русија се очекува да надмине 50 милијарди долари оваа година. Тој рече дека Њу Делхи има намера да потпише билатерален договор за инвестиции со Русија, како и договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија предводена од Москва.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа