Собранието лани го посетиле 10 илјади граѓани
Парламентарниот институт во текот на изминатата 2023 година реализирала вкупно 255 обиколки на Собранието, со вкупен број од 10.245 посетители - ученици, средношколци, студенти и граѓани.
Од вкупниот број на посетители, во декември лани биле спроведени обиколки за 23 групи, каде учествувале вкупно 892 посетители.
Како што информираат од Парламентарниот институт за МИА, преку овие тури, кои се со времетраење од еден час, граѓаните имаат несекојдневна можност да ја разгледаат зградата на Собранието и да видат каде работат пратениците.
Исто така, посетителите преку овие обиколки имаат можност да се запознаат со функционирањето и организацијата на законодавниот дом, да ги разгледаат најрепрезентативните простории и сали, да научат за историјата и за законодавниот процес.
-Обиколките ги спроведуваат професионални водичи на македонски, албански и англиски јазик и тие се бесплатни за сите посетители. Посетите се реализираат за време на отворените денови - секој петок (термини на секој час од 9 до 15 часот) или во дополнителните термини од вторник до четврток од 9 до 10 часот, посочуваат од Парламентарниот институт.
Како што информираат од Парламентарниот институт за МИА, од 2015 до 2022 година низ обиколки Собранието го посетиле 42.990 граѓани, студенти, ученици и заинтересирани граѓани. Во рамки на овој период биле реализирани вкупно 1.047 организирани обиколки низ Собранието.-Во 2015 година од вкупно 71 реализирана обиколка низ Собранието учествувале 2.861 учесник. Во 2016 година од 109 обиколки учествувале 4.331 учесник. Во 2017 година од 112 реализирани обиколки Собранието го посетиле 5.045 лица. Во 2018 година од 79 обиколки учествувале 4.066 учесници. Во 2019 година од 160 обиколки Собранието било посетено од 6.032 лица. Во 2020 година од 127 реализирани тури Собранието го посетиле 4.306 лица. Во 2021 година, Собранието го посетиле 8.107 лица во вкупно 169 реализирани тури. Во 2022 година од 220 реализирани обиколки, Собранието било посетено од 8.242 граѓани, велат статистичките податоци од Парламентарниот институт.
Заинтересираните граѓани за да учествуваат на една ваква организирана обиколка треба да си одберат термин на https://poseti.sobranie.mk/ или да се јават на телефонскиот број 02/3182 227.
Од Парламентарниот интитут посочуваат дека промовирањето на култура на отвореност на законодавната власт останува заложба и во иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа