Спречен обид за шверц и обид за нелегално изнесување стока во вредност од речиси половина милион денари
Спречен обид за шверц и избегнување плаќање царински давачки на производи во вредност од 273 илјади денари, како и обид за нелегално изнесување стока вредна 192 илјади денари, откриени при контрола на товарни моторни возила на влез и излез од државата во текот на изминатата недела. Воедно, спречен е и шверц на 100 шишиња „хелих плус колаген“, што патник сакал нелегално да ги внесе во државата.
Во првиот случај увозник сакал да избегне плаќање царински давачки на производи вредни 273 илјади денари, што се обидел да ги прошверцува помеѓу стока што ја пријавил за увозно царинење. Во намерата е спречен од страна на мобилен тим на Секторот за контрола и истраги, кој при контрола на товарно возило на Царинската подружница во Куманово утврдил вишок стока, меѓу која 500 квадратни метри ламинат и 43 парчиња мебел.
Во вториот случај, на граничниот премин Ќафасан е спречен обид за нелегално изнесување поголем број автоделови во вредност од речиси 200 илјади денари откриени при контрола на товарно моторно возило, чиј возач изјавил дека возилото е празно и оти нема ништо за пријавување. Во кабината на возилото во просторот помеѓу седиштата, под возачкото и совозачкото седиште, во преградите во кабината и во преградите на левата и десната врата, скриени биле 241 парче разни автоделови за кои возачот немал никакви документи.
„Воедно, царинските службеници на Ќафасан спречија и шверц на 100 шишенца колаген, што албански државјанин, без да ги пријави, сакал да ги внесе во државата. Тие се откриени во три црни кеси, кои патникот ги скрил во ранецот. Во сите случаи стоката е запленета, а против пријавените лица се поднесени прекршочни пријави“, велат од Царинската управа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа