ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава

 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска свечено ги додели наградите за 2023 година за новинарски стории на тема: „Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“.

Првата наградата е доделена на новинарката Катерина Топалова Дејановска за сторијата со наслов „Тешка зима“, објавено на „Дома.еду.мк“. Се работи за новинарски продукт составен од пет прилози во низа во кои е опфатено квалитетно и сеопфатно новинарско истражување, со осврт на законската регулатива и интервјуа.

Втората награда беше доделена на новинарката од „Види Вака“ Ангела Петровска за новинарскиот продукт со наслов „Земја без решение за чист воздух“, додека пак третата награда им беше доделена на новинарите Тони Михаилов и Игор Стојанов за темата со наслов ,,Текстилниот отпад – од загадувач до суровина и производ со нова вредност” објавена на „Гоце.мк“.

Покрај наградените, денеска посебно признание им беше врачено и на новинарите Бојан Блажевски, Мартин Пушевски и Христина Ѓорѓиевска за иновативен и креативен пристап и придонес кон кревање на јавната свест за животната средина.

На свечениот настан свои обраќања пред присутните имаа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Jаин и постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан, како и наградените новинари и претставници на комисијата за 2023 година.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните истакна: „Секојдневно сме сведоци на разорните влијанија на загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето, животната средина и општеството во целина. Од градовите задушени од смог до индустриските локации кои испуштаат отровни гасови, доказите за оваа криза се непобитни. А сепак, премногу често, тој останува занемарен или потценет во јавниот дискурс. Како новинари, ние мора да ја препознаеме моќта на медиумите, да го ставиме проблемот пред граѓаните, да бараме одговорност преку нашата медиумска застапеност и пласман на содржина. На овој начин имаме можност да поттикнеме значајни промени преку зајакнување на јавната свест, ангажирање во истражувачко новинарство. Преку нашата работа, можеме и мораме влијанијата на загадувањето на воздухот, да ги објасниме и доближиме до граѓаните“.

Амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Јаин потенцираше дека резултатите од работата на наградените новинари докажува дека во Република Северна Македонија“ работат новинари способни да известуваат за сложени и предизвикувачки теми како загадувањето на воздухот со интегритет и посветеност. „Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија во насока на пресретнување на еколошките предизвици и заедничка борба со загадувањето на воздухот“, потенцираше Ларсон Јаин.

Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава, истакна дека улогата на новинарите за подигнувањето на свеста за потребата од справување со предизвикот на загадувањето на воздухот е исклучително значајна.

„За ефикасно спроведување на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ неопходно е силно партнерство со сите влијателни фактори во општеството. Во таа насока високо го вреднуваме придонесот на слободното и независно истражувачко новинарство. Новинарите трагаат по одговор на најзначајните прашања – што го загадува воздухот кој граѓаните го дишат и кои мерки треба да се преземат? УНДП заедно со Шведска во проектот кој се спроведува во пет градови во земјата, со помош на науката и експертизата, се фокусира на истите прашања. Се мери надворешното, но и внатрешното загадување на воздухот во две училишта и градинки во секој од градовите. Студиите за распределување на изворите на загадување на воздухот ќе овозможат изработка и имплементација на најсоодветните планови за негово подобрување“, изјави Григорјан.

Целта на јавниот повик за истражувачките стории беше да се подигне свеста за постоечките проблеми со аерозагадувањето и да се поттикне поголема покриеност на овие теми од страна на новинарите на локално и национално ниво како придонес кон изнаоѓање на најдобрите начините за нивно решавање или ублажување.

31.01.2024 - 17:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега