Работници со ниски примања ќе можат да добијат ваучер од 18.000 денари за одмор во домашните летувалишта
3.555 работници чии месечни примања во семејството не надминуваат нето приход од 50.000 денари ќе добијат ваучер во вредност од 18.000 денари за одмор во домашни туристички капацитети. Министерството за економија в понеделник ќе распише јавен повик, а право на учество ќе имаат физички лица кои се вработни, но нивните примања не надминуваат 50.000 денари.
Како што велат од Министерството, Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари, односно ќе се издадат вкупно 3.555 ваучери.
-Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страницата на Министерството за економија. Потврдата ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година, истакна Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Главната цел на оваа мерка за која и изминатите години имаше голем интерес, додаде, е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.
-Оваа мерка во минатото даде видливи резултати. Бројот на домашни туристи во континуитет се зголемува во последните години, а бројот на ноќевања веќе и го надмина бројот на странски туристи. Денеска е краен рок за аплицирање за хотелите кои сакаат да примаат гости со ваучери за одмор. Тие што не аплицирале досега можат тоа да го направат преку пошта или во Архивата на Министерството за економија, прецизира потенцира Бектеши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа