Коцевски вети транспарентност но нема одговор дали некој во МВР ќе одговара за хаосот со личните документи

 

Новоизбраниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски кој денеска поднесе заклетва вели дека ќе биде транспарентен. Но на прашањето за отворање предмет поради издавањето на документи без „Северна“ немаше одговор.

Коцевски не одговори дали ќе почне предистрага за луѓето во Министерството за внатрешни работи кои во изминатите пет години, откако се ратификуваше Договорот од Преспа, нарачувале и пуштале во промет обрасци со „Република Македонија“, што предизвика хаос во изминатите месеци и остави 650.000 граѓани без валидни патни исправи.

„Во оваа прилика знам дека голем интерес на јавноста е за предметите кои се во тек и тие кои ќе се отворат. Но во денешниот ден, не би навлегувал во детали. Јавното обвинителство ќе формира предмети по поднесени пријави, кои по чуен глас ќе допре до јавниот обвинител и ќе нема селекција при гонење на кривичните дела. Ако има доволно докази, јавното обвинителство ќе поведе постапка“, рече Коцевски во првата изјава за медиумите.

По заклетвата, новиот државен обвинител посочи дека ќе постапува според Уставот и законите, па додаде дека искуството ќе му помогне да биде одговорен шеф.

Неговата биографија не е јавно објавена. Познато е дека ако не беше избран на функцијата, за неколку месеци ќе беше пензиониран.

15.02.2024 - 11:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега