Шефот на обезбедувањето на Мицкоски истепал полицаец пред скопски локал

Вистинска драма се одвивала синоќа пред угостителски објект во Скопје, се испостепале двајца полицајци. Имено, порталот 360 степени пренесува дека, шефот на обезбедувањето на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, Ивица Б., нешто после полноќ нападнал колега полицаец додека бил на работа, а по нападот бил лишен на слобода.

Неофицијално, полицијата во потрага по дрога во скопски локал, но дека Ивица Б., кој бил внатре во објектот, се обидел да ја спречи акцијата, по што е уапсен.

Дополнителниот министер во МВР, Митко Бојмацалиев кој доаѓа од редовите на СДСМ информацијата ја објави на социјалната мрежа Фејсбук и побара професионално да се расветли случајот.

„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект кој што во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално. Македонската историја не памети ваков случај на поранешен висок полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на својата службена должност. Ова е преседан во полициското работење, повикувам максимално професионално да се расветли овој случај во интерес на граѓаните и државата“, напиша Бојмацалиев.

Дека имало тепачка потврдија и од МВР. Во нивното соопштение се наведува: „На 18.02.2024 во 00.40 часот во угостителски објект на подрачје на Центар, полициски службеници Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ изјавиле дека досега немаат информација дали Ивица Б. е задржан во полициска станица и дека ќе не известат откако ќе добијат повеќе детали за случајот.

Ивица Б. е вработен во МВР и на барање на ВМРО-ДПМНЕ е дел од обезбедувањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

18.02.2024 - 10:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега