Вкупно 56 потврдени случаи на голема кашлица, во следните недели се очекува зголемен број кај повозрасните

По денешниот редовен состанок на Комисијата за заразни болести, претседателот Александар Петличковски кажа дека состојбата со големата кашлица е под контрола, но не е стабилна, бидејќи се уште има пораст на потврдени случаи.

„До денеска се потврдени вкупно 56 случаи. Од нив 14 се деца под една година, а 9 дополнително се на возраст од 1-4 години. Од вкупниот број 16 се невакцинирани, 12 се некомплетно вакцинирани. Сега се појавуваат адолесценти, деца на возраст од 10 до 14 години и повозрасни и веројатно во текот на следните недели ќе има промена на демографската структура на позитивните случаи, очекуваме кај повозрасните да се потврдува почесто оваа болест“, рече Петличковски.

Тој потенцираше дека најголемата грижа е спречување на ширење на инфекцијата кај малите деца, оти тие се најризични.

Останува препораката за надополнување на пропуштените вакцинални дози. Од 18 јанури до 14 февруари, вкупно се вакцинирани над 13 илјади деца.

Според Петличковски болеста пертусис за возрасни луѓе не е тешка болест, за неа има достапен лек и нема потреба од страв.

„Возрасните луѓе како преносители за малите луѓе се опасни и затоа се размислува и препорачува и нивна заштита, со вакцина и со хемопрофилакса, односно антибиотик. Вакцини за возрасни во моментот нема, но прашање е на ден за да се набават. Има најава дека ќе пристигнат многу скоро. Таа вакцина за возрасни е истата што се препорачува и за трудници“, објасни Петличковски.

Од 56 потврдени случаи, 46 се од Скопје, а има и во Тетово, Куманово и Гостивар.

21.02.2024 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега