Нов напад врз Русите - десетици мртви

 

Голем број руски војници се убиени откако биле погодени од нешто што изгледа дека е ХИМАРС. Тоа е втор ваков напад за само неколку дена. На почетокот на неделава беше објавено дека над 65 руски војници кои биле на обука загинале во регионот на Доњецк кога биле погодени од ХИМАРС.

Нов напад се случи во средата во регионот Херсон. Украинскиот ОСИНТ проект DeepState извести дека нападот бил извршен на полигон лоциран во близина на селото Подо-Калинивка во окупираниот Херсон. За истото место на напад зборува и рускиот сервис на Би-би-си, повикувајќи се на извор во украинските специјални служби.

Непроверено видео кое наводно го прикажува моментот на нападот врз руските војници кружи на каналите на Телеграм. „Њузвик“ побара коментар до руските и украинските власти. Украинскиот весник „Зеркало Недели“ објави дека во овој напад загинале најмалку 60 руски војници. Кремљ не го коментираше инцидентот.

„Уште еден украински напад на ХИМАРС/ГМЛРС врз Русите собрани на полигонот, овој пат во Херсон“, напиша Џими Раштон, аналитичар за надворешна политика и безбедност од Киев. „Јасно се гледа значителен број жртви“, додаде тој.

Наталија Хуменјук, портпаролка на Јужната оперативна команда на вооружените сили на Украина (АФУ), на телевизискиот канал Киев24 објави дека АФУ нападнала полигон на левиот брег на реката Днепар во близина на Херсон.

Таа се повика на споменатата снимка и потврди дека загинале најмалку 60 руски војници. Станува збор за, како што рече, војници од 328. Воздушно-десантен јуришен полк и 810. Одделна гардиска бригада на маринци. Сепак, таа не спомна за кое оружје се работи.

На снимката направена од дрон, на голема далечина може да се види поголема група луѓе. Одеднаш се гледа голема експлозија. Кога ќе се исчисти чадот, се гледаат мртви или тешко ранети војници. Снимката потоа се пренесува на друга локација и истото се повторува. Така, се сугерира дека имало два напади.

Руските провоени блогери се бесни и ги обвинуваат командантите што ги направиле руските трупи лесни цели. Тие се групираат во голем број и очигледно тренираат премногу блиску до линијата на фронтот, па се во домет на украинските беспилотни летала и ракетни системи.

Така, според руските воени блогери, генерал-мајор Олег Мојсеев бил именуван како еден од виновниците за нападот што се случил оваа недела. Војниците кои беа убиени во претходниот напад ја чекаа инспекцијата на овој генерал. Наводно, видеа од местото на настанот биле објавени од гневни преживеани војници.

22.02.2024 - 18:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега