Тошковски: Џафери да се извини - неговото однесување спрема вработените во МВР е недозволиво
„Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција“, пишува на Фејсбук министерот за внатрешни работи во однос на ненајавената посета на техничкиот премиер Џафери во СВР Тетово.
На Фејсбук Тошковски вели дека таквото однесување на Џафери спрема вработените, било недозволиво и бара негово извинување кон вработените.
„Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција, а уште повеќе и поради фактот што таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот за време на извршување на работни задачи, токму како припадник на министерството за внатрешни работи.
Во тој контекст сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите“, стои во објавата на министерот Тошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа