Американскиот секретар за одбрана: НАТО ќе биде вовлечен во војна со Русија, ако Украина загуби
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди дека НАТО ќе биде вовлечен во војна, доколку Украина биде поразена од инвазијата на руските сили, пренесува „Newsweek“.
Говорејќи на сослушувањето на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом, за да разговара за неговото неодамнешно отсуство додека беше хоспитализиран поради компликации од операцијата на рак на простата, Остин предвиде дека рускиот претседател Владимир Путин нема да запре доколку Москва ја добие војната во Украина, пренесува медиумот.
Остин според написите одговарал на прашање за тоа како Конгресот не одобри пакет воена помош од 60 милијарди долари за Украина, како што побара претседателот Џо Бајден.
„Знаеме дека ако Путин е успешен тука, тој нема да запре“, рече Остин.
„Тие ќе продолжат да преземаат поагресивни акции во регионот. И другите лидери ширум светот, другите автократи, ќе го разгледаат ова и ќе бидат охрабрени од фактот дека тоа се случи и дека не успеавме да ја поддржиме демократијата“, тврди Остин.
Остин, исто така, рече дека балтичките земји, Латвија, Литванија и Естонија, се особено чувствителни на идните експанзионистички амбиции на Путин.
„Ако гледате од позицијата на балтичките земји, навистина ќе бидете загрижени дали ќе сте следниот“, рече тој. „Тие го познаваат Путин, знаат за што е способен и, искрено, ако Украина падне, навистина верувам дека НАТО ќе биде во војна со Русија“, заклучи Остин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа