Коалициските партнери на СДСМ ја поддржаа кандидатурата на Пендаровски


Традиционалните коалициски партнери на СДСМ ја поддржуваат кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата, информираа од владеачката партија.

„На денешниот работен состанок на највисоките претставници на партиите од Коалицијата предводена од СДСМ била јасно изразена поддршката за неговата кандидатура и заеднички било оценето дека Пендаровски е победнички кандидат со јасна европска визија за иднината на државата“, стои во соопштението на СДСМ.

Се истакнува дека заедничката согласност за поддршка на кандидатурата на Пендаровски партиите од коалицијата се очекува да ја потврдат и на своите органи и партиски тела.

„Во досегашниот мандат Пендаровски покажа што значи да се биде вистински претседател за сите граѓани. Со негова одговорност и независност го врати угледот, интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател на државата.

Зад себе Пендаровски има мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера или случај на судир на интереси.

Пендаровски е претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност. На претстојните избори, изборот пред граѓаните е продолжување на напредокот кон ЕУ или изолација.
На граѓаните и на државата не им треба претседател кој ќе кочи, туку претседател, како Пендаровски кој ќе турка напред по вистинскиот пат, кон европски животен стандард и европски вредности.

Македонските граѓани сакаат прогрес, економски напредок, стабилност, мир и спокој. Затоа партиите од Коалицијата ја поддржуваат кандидатурата на Пендаровски и очекуваат силна поддршка од граѓаните на претстојните избори“, порачаа од СДСМ.

04.03.2024 - 16:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега