Идната година Министерството за култура ќе стимулира создавање нови дела од класичната музика

Министерството за култура идната година ќе објави конкурс за поддршка на  творештвото во класичната музика со кој ќе се овозможи создавање 50 композиции годишно за различни изведувачки состави и ансамбли. За ова денеска говореше министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Конкурс ќе биде распишуван еднаш годишно и ќе трае во текот на целата година. Министерството за култура ќе формира комисија која ќе ги евалуира пристигнатите дела и ќе избира од нив. Во неа ќе членуваат композитори, претставници на СОКОМ и СМУМ, домашни и странски автори и репродуктивни уметници, кои ќе се состануваат двапати во годината - во јуни и во ноември.

- Наградите за делата кои ќе бидат селектирани, зависно од формацијата за која се создадени, ќе се движат од 500 евра за дела за аматерски состави, до 20.000 евра за крупни музичко-сценски форми, како опера и балет. По изборот на најдобрите дела, Министерството за култура ќе склучи договор со авторите,  согласно со кој авторските права за покрупните форми ќе им бидат отстапени на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, а за камерните состави, авторските права ќе му бидат отстапени на СОКОМ, рече Канческа-Милевска.

Според министерката со четиригодишната програма за поддршка, продукцијата на овој вид музичко творештво ќе се зголеми најмалку за три пати споредено со тоа што е создадено во изминатите две децении.

Од 2014 година ќе почне да се применува и Законот за поддршка на домашната музичка продукција со кој ќе биде субвенционирано годишно создавање 150 композиции од народната и забавната музика и 50 детски композиции.

18.12.2013 - 12:57
Фото: 
Региони.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега