Од денеска во градинка ќе се примаат деца само со примени три дози ДиТеПер вакцина
Од денеска децата кои имаат примени три дози вакцина ДиТеПер против пертусис (голема кашлица) може да одат во градинка со услов за ревакцина во наредните шест месеци.
Тоа е овозможено со одлуката што ја донесе во петокот министерот за здравство Илир Демири, по препорака на Комисијата за заразни болести за промена на претходната одлука за забрана за прием на невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца поради прогласената епидемија на голема кашлица во Скопје.
Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ) минатата недела изврши стотина вонредни инспекциски надзори низ градинки во кои, како што информираше директорката Рената Младеновска, утврдено е дека се почитува решението за забрана за прием на нецелосно или делумно вакцинирани деца.
Податоците на ДСЗИ покажуваат дека за разлика од Скопје каде околу 50 отсто не се вакцинирани со ДТП, во внатрешноста е значително повисок процентот на вакцинирани и изнесува над 95 проценти.
Од 15 март во државава се достапни и вакцини против пертусис и за возрасни и како што информираше Министерството за здравство граѓаните можат да се обратат во вакциналните пунктови.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 8 до 14 март се регистрирани нови 43 случаи на голема кашлица, со што бројот на заболени достигна 216.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа