За Куркулас заклучоците на ЕУ се едногласна позиција

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Димитрис Куркулас, денеска избегна да даде директен одговор на дописниот на МИА поврзани со македонската интеграција во Унијата, на промоцијата во зградата на Европскиот совет во Брисел на Грчкото претседателство со Европската унија. 

Куркулас беше прашан како го толкува параграфот 24 во вчерашните заклучоци за проширувањето на Советот за општи работи на ЕУ, за тоа дека меѓудржавните спорови треба да се решаваат во согласност со меѓународното право и принции како и преку имплементацијата на законските обврзувачки договори, и дали тоа значи дека Грција ќе мора да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да престане да ја блокира Македонија во интеграцијата во ЕУ и НАТО, Куркулас одговори:

- Заклучоците од вчерашниот Совет за општи работи не се само на Грција или на грчкото претседателство, туку едногласни заклучоци на министрите за надворешни работи на 28-те земји-членки на ЕУ. Ова одговара на голем дел од вашето прашање. За вашата интерпретација на имплементацијата на меѓународните договори и пресудите на Меѓународниот суд на правдата, не се согласувам со вас и мислам дека ова не е прашање за кое може да дебатираме во моментов. Но, заклучоците што ги цитирате не се грчка позиција, туку едногласна позиција и како што претходно наведов, тоа ја рефлектира позицијата на Унијата и за ова дискутиравме. Не се работи за грчка декларација, туку за ЕУ-декларација, истакна заменик-шефот на грчката дипломатија.

Куркулас не одговори дали е можно за време на грчкото претседателство со ЕУ, токму Атина да покаже солидарност, каква што цела Европа покажа кон грчкиот финансиски проблем, па да престане да ја блокира Македонија која и покрај деветгодишниот статус на земја-кандидат и петте последователни препораки на Европската комисија да ги почне преговорите за членство, постојано е блокирана од својот јужен сосед.

Инаку, на денешното примопредавање на претседателството со Унијата од страна на Литванија на Грција, Куркулас посочи дека проширувањето на ЕУ е еден од врвните приоритети на Грците, кои сите состаноци и Совети, идните шест месеци, наместо во Брисел, заради заштеда ќе ги одржуваат во Атина.

- Проширување на Западен Балкан е топ-приоритет на грчкото претседателство оти да се потсетиме на Солунската агенда од 2003 година, кога беше дадена јасна ЕУ-перспектива за сите земји од Западен Балкан. Ние ќе продолжиме со напорите, а влезот на Хрватска во Унијата оваа година е опиплив доказ за успешната политика, како и преговорите со Црна Гора и доделувањето датум за преговори со Србија, посочи Куркулас.

Запрашан да ги коментира заклучоците на вчерашниот Совет за општи работи во однос на проширувањето, заменик-министерот за надворешни рбаоти на Грција изрази надеж дека Албанија на јунскиот Самит на Европскиот совет ќе добие кандидатски статус, како и дека договорот Белград-Приштина е важен за европската иднина на двете земји.

- За БЈРМ има реченица во заклучоците што исто така дава надеж, посочи Куркулас.

Инаку, за време на грчкото претседателство, издвоени се четири најважни приоритети, а тоа се: промовирање раст и создавање на работни места во ЕУ, продлабочување на економската и монетарна унија, менаџирање на границите и мобилност на граѓаните, како и поморската политика. Во однос на тоа како земја во сериозна финансиска криза ќе се справи со претседателствувањето со Унијата, Куркулас истакна дека освен тоа што сите состаноци (14 министерски, 35 состаноци на високо ниво, 57 работни групи и 33 конференции и семинари) ќе се одвиваат во Атина, Грција ќе вработи само девет надворешни лица за време на претседателството идните шест месеци, а останатите услуги ќе се црпат од вработените во Министерството за надворешни работи.

18.12.2013 - 16:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега