Скап е животот: Само за преживување на едно семејство му требаат по 2.000 денари на ден
За да преживее едно 4 члено семејство во март, дневно му требаат по речиси 2.000 денари, покажува последната пресметка на потрошувачката кошничка која Синдикатот ја објави вчера. Според нега, за преживување во март требаат 58.998 денари. Но ова е само за основни потреби бидејќи од овие пари за храна се нешто над 22.000 денари или по околу 700 денари дневно, сума со која тешко се купуваат три оброци за цело семејство.
И за сметки се пресметани само 6.000 денари иако и со штедење многу семејства често ја надминуваат оваа сума.
„Вредноста на минималната сидикална кошница е во постојан пораст од почетокот на годината, поконкретно во месец март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалоците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехрамбените производи што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени.
Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец март 2024 година изнесува 58 998,00 денари, споредена со вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец февруари 2024 година која изнесува 57 476,00 денари е зголемена за 1 522,00 денари.
Најголемо зголемување има во делот кај храната и пијалоците кои за месец март изнесуваат 22.681,00 денари, споредено со месец февруари (21 219,00 денари) зголемени се за 1 462,00 денари, додека од декември 2023 година до март 2024 година трошоците само за храна и пијалоци се зголемени за 1 951,00 односно за 9,41% .“– велат од синдикатот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа