Битиќи: Платите растат - концептот на СДСМ донесе подобар живот за граѓаните

 

 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи објави дека просечната плата за една година, односно во периодот од јануари 2023 година до јануари 2024 пораснала за 16,5%.

 

Според него, посветеноста на растот на платите дала резултат.

 

„23 месеци по ред имаме двоцифрен раст на просечно исплатената плата за околу 540.000 вработени. Според податоците кои ги објави денес Државниот завод за статистика, просечната плата во јануари годинава изнесува 39.542 денари, што е зголемување за 16,5% споредено со јануари 2023 година, кога изнесуваше 33.943 денари. За дванаесет месеци бележиме раст од 5.599 денари“ – напиша Битиќи на социјалните мрежи.

 

Тој смета дека овој раст на просечната плата за јануари е чекор пред трошоците.

 

„Стапката на инфлација за овој месец изнесуваше 3,2%, што зборува за реален раст на платата и куповната моќ на граѓаните за 13,3%. Во нашата социјалдемократска визија на постојаниот раст на платите гледаме како на еден од основните столбови на социјалната правда во државата. Затоа имаме понуда на економски политики кои создаваат услови за одржлив раст на платите и заштита на животниот стандард на граѓаните“ , напиша вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции.

 

 

22.03.2024 - 07:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега