Знаат ли властите дека за Казандол ги чека оштета од половина милијарда евра?Пресудата ќе задоцни за да не биде тема на изборите

 


Подолг период во јавноста циркулира информацијата дека Македонија изгубила уште еден арбитражен спор поради одлуката на Владата еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакар во Казандол, Валандовско. Наводно, станува збор за астрономска отштета од околу половина милијарда евра, која од државниот буџет ќе треба да се префрли на сметката на англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“.

Според сознанијата кои надлежните сѐ уште избегнуваат да ги потврдат, пресудата од меѓународната арбитража во Вашингтон е во полза на концесионерот. Државата го загубила спорот, а домашните власти тактизираат со тајмингот на објава на правниот исход. Владината коалиција на СДСМ и на ДУИ наводно успеала да излобира пресудата да биде објавена следната есен, а не сега, во период на предизборие, кога може да стане тема во кампањата на која ќе губат политички поени.

До меѓународната арбитража предметот дојде откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека има цврсти правни аргументи.

„Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран“, изјави тогаш Заев, додавајќи дека компанијата била обврзана „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, а Владата нема да плаќа пенали, бидејќи во овој случај концесионерот не го испочитувал договорот“.

Од Сардич тогаш одговорија дека не се исполнети ниту законските, ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Договорот за концесија за експлоатација за рудникот „Казандол“. Според конзорциумот, надлежните државни институции никогаш не утврдиле ниту една неправилност, а концесионерот воопшто не бил ниту опоменуван, ниту пак казнуван. Пред да ја покрене меѓународната арбитража компанијата побара да се пристапи и кон пријателско решавање на спорот, а реагираше и украинската амбасада во земјава. Оттаму истакнаа дека Македонија и Украина имаат потпишано спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите во двете држави и спорот треба да се реши со пријателски преговори.

02.04.2024 - 14:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа